Во училишниот двор на ОУ ,,Живко Брајковски,, денеска беа засадени 25 јасенови дрва. Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, директорката на училиштето, заедно со учениците и наставниците од секцијата по биологија учествуваа во овој еколошки хепенинг за поубава и позелена еколошка средина.
Како што истакна градоначалникот Велимир Смилевски овие 25 јасенови дрва се само дел од активностите за хортикултурно и содржинско уредување на огромниот двор на ова училиште. Денешните акттивности треба да бидат поттик за учениците, нивните родители и наставниот кадар за негување и чување на животната средина.
Директорката на училиштето, Розалија Ангеловска се заблагодари за денешната акција и истакна дека како училиште ќе продолжат и понатаму да го уредуваат училишниот двор.
Учениците се обврзаа дека ќе ги негуваат и наводнуваат засадените дрва. Повеќе други нивни пораки беа поставени до стеблата на јасените. Најискрена беше пораката: Засади дрво, засади цвет за поубав свет.
Покрај денешното засадување јасенови дрва во училишниот двор на ова училиште, во наредниот период ќе бидат засадени и други дрва со цел разубавување на училиштето.