Несоодветен буџет, мерки без контрола, индустријата најголем загадувач, алармираат од Здружението „Канцерогено општество“, кои и оваа сабота излегоа на улица. Велат дека власта и натаму не знае како да се бори против загадениот воздух и бараат надлежните сериозно да се фатат за работа и додека е ведро да изнајдат трајно решение за штетните последици.
Бараат од Владата да закаже седница на која ќе предложат мерки кои ќе дадат резултат на долг рок. Институциите, велат од здруженијата, не се заинтересирани да го решат проблемот со загадувањето на воздухот и последиците што ги трпат децата. Од нив бараат час поскоро да се фатат за работа.
Како последица од загадениот воздух во Македонија предвреме умираат над 3.000 лица. Овие црни бројки се наведени во заедничкиот ревизорски извештај за квалитетот на воздухот напишан од 15 врховни ревизорски институции од Европа. Тие препорачуваат во земјава да се подобрат системите за следење на амбиенталниот воздух.
Ревизорите во извештајот наведуваат дека на загадувањето на воздухот во Скопје и Тетово најмногу влијае индустријата и домаќинствата, средно загадување прават автомобилите, а трети се земјоделските машини и отпадот.
Еколошките организации постојано потенцираат дека владиниот буџет за справување со загадувањето е недоволен. Тие повикуваат итно да се поставаат филтри на фабриките меѓу кои и на еден од најголемите загадувачи – РЕК Битола. Еколозите велат дека конечно треба некој да преземе одговорност зошто рокот за поставување на филтри постојано се пролонгира кога има проблем, кој директно паѓа врз здравјето на луѓето.
Скопскиот градоначалник е свесен дека недостасуваат многу работи меѓу кои и соработка меѓу институциите кои треба да ја водат битката против загадувањето.
Граѓански и еколошки здруженија периодов одржуваа протести со барања надлежните да преземат мерки и да понудат решенија кои ќе го направат воздухот почист. Протест за здрава и чиста средина најавуваат и за следната недела.