Народната банка на Република Северна Македонија во минатата година успешно ги остварила програмските активности и ја спровела во целост својата програма за работа.

Ова е констатирано во извештајот за извршување на програмата за работа на Народната банка во 2018 година, а што беше разгледан на денешната редовна седница на Советот на Народната банка.

На седницата, како што соопштуваат од Народната банка, е потенцирано дека добрата организација, ефикасното искористување на планираните ресурси и навременото обезбедување на сите релевантни информации овозможија успешно извршување на редовните програмски активности на Народната банка, како и спроведување на голем број проекти за воведување промени во работењето и усогласување со новите законски барања, европските прописи и меѓународните стандарди, како и со барањата на Меѓународниот монетарен фонд.

На денешната седница е разгледан и усвоен и Извештајот за работењето на внатрешната ревизија во 2018 година. Притоа е заклучено дека Дирекцијата за внатрешна ревизија на Народната банка целосно ја спроведе својата програма за работа. Истовремено беше оценето дека внатрешната ревизија ги остваруваше своите цели преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, адекватноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасната и економична употреба на ресурсите, безбедното чување и заштита на средствата, веродостојноста и интегритетот на финансиските и другите информации и усогласеноста на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа.

Советот ги одобри и Годишната сметка и финансиските извештаи на Народната банка за 2018 година. Според мислењето на независниот ревизор, разгледано на седницата, финансиските извештаи ја прикажуваат финансиската состојба на Народната банка на 31 декември минатата година објективно во сите материјални аспекти, како и резултатите од работењето и паричните текови за годината што заврши, во согласност со Меѓународните стандарди за финансиско известување.

На седницата, Советот ја донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите што не се овластени банки можат да отвораат и да имаат сметки во странство, што претставува усогласување со Законот за девизно работење по почетокот на примената на Одлуката за премин во втора фаза на асоцијација меѓу нашата држава и Европската заедница и нејзините земји членки. Согласно со Одлуката, резидентите слободно можат да отвораат и да имаат сметки кај странски банки резиденти доколку: продале недвижен имот во странство, издаваат недвижен имот во странство, имаат стекнато недвижен имот во странство и треба да плаќаат трошоци за недвижниот имот во странство, имаат во сопственост хартии од вредност во странство и треба да наплатат побарувања врз основа на продажба на хартии од вредност во странство, дивиденди, камати или други приноси врз основа на хартиите од вредност.

Советот ги донесе и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање дозволи и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за издавање согласности, што содржат усогласувања со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките од јануари 2019 година.

На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2019 16:06