Сојузот на микрофинансиски организации во соработка со Занаетчиската комора денеска го организираше осмомартовски базар на ракотворби, каде жените-претприемачи ги презентираа своите производи.
Базарот започна на петти март, а ќе трае до петок во градскиот трговски центар (ГТЦ), лоциран на просторот пред продавницата на Телеком.
Базарот е дел од Проектот на УСАИД за инклузија и иновации во микрофинансирањето како тригодишна програма со буџет од 1,4 милиони долари. Целта е создадавање нови работни места, и помогање на Северна Македонија во приближувањето кон критериумите за пристапување во ЕУ.
Жените-претприемачи денеска се информираа како да пристапат до финансии за проширување на нивниот бизнис од претставниците на микрофионансиските организации кои учествуваат во базарот.
– Обуките за изработка на накит ги направив во занаетчиска комора преку добивање грантови од UNDP. Занаетчиската комора на град Скопје многу ни помага да се произнесеме и да се промовираме на најдобар можен начин. Интересот е голем, луѓето сакаат да осознаат што е филигранска техника, таа постои од времето, но ние внесовме нов тек и на мотиви и на традиција, изјави жена-претприемник која изработува накит со филигран од сребро, Марина Јакшиќ.
Претседателот и извршен директор на Занаетчиска комора на Град Скопје, Никола Петров, изјави дека Занаетчиската комора, обединува 10.000 занаетчии и креативци на територија на Град Скопје.
– Нашата поддршка е постојана, преку правни, даночни советувања, преку произнаоѓање на проекти за занаетчиите, преку контакти со Владата, преку донесување на закони во интерес на занаетчиите, ние креативците ги сметаме за занаетчии и затоа целосно сме посветени на развојот на занаетчиството на територија на град Скопје, додаде претседателот.