Распиши тендер, па стопирај го. Тендерот за гасификација на гинеколошката болница во Чаир со иста судбина како оној за набавка на реагенси за лабаратории тежок 35 милиони евра. Тендерската постапка за гасификација на родилиштето е запрена поради проблеми со документите, образложува министерот за здравство, Филипче, пренесува Телевизија Алфа.
Овој тендер Министерството за здравство, го распиша пред две недели, а по заканите на градоначалникот на Скопје, дека ќе стави клуч на врата на родилиштето, бидејќи инспекцијата на терен утврдила дека со начинот на греење, болицата го загадувала воздухот. Инспекторите се размрдаа откако на социјалните мрежи, во денови кога загадувањето беше енормно, се споделуваа видеа од црн чад што излегува од оџакот на зградата. А Шилегов, даде рок од 30 дена за промена на начинот на греење.
Работата, според најавите, требаше да се заврши до почетокот на следната грејна сезона, но, со оглед на одложувањето на тендерот, роковите веројатно ќе се поместат, а Шилегов ќе треба да ги „развлече“.
Тендерот пак, за набавка на реагенси, распишан во јули, беше стопиран во август лани. По бурните реакции во јавноста, министерот Филипче излезе со оправдување дека тендерот не бил прекинат под притисок, туку поради некомплетната документација на фирмата која доставила понуда.
Триесет и пет милионскиот тендер предизвика низа контроверзии, откако се обелодени дека само една фирма се јавила како понудувач, а како подизведувач компанија која била регистрирана четири месеци пред распишување на тендерот.
И покрај сомнежите во јавноста, и започнатата предистражна постапка од страна на Јавното обвинителство, која патем, трае околу седум месеци, Филипче потврди дека ваква набавка, сепак, ќе има, па најави дека повторно ќе биде распишан тендер, но овој пат, како што увери, постапката немало да наиде на проблеми.
Тендерската постапка, според најавата на министерот Филипче, требаше да започне во декември, а распишувањето, поради претпазливост, се одложи за јануари. Досега ваков тендер не е објавен.