Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги прими денеска советниците за надворешна политика на германската канцеларка Ангела Меркел, Јан Хекер и Матијас Литенберг, кои по оваа средба вечерва ќе отпатуваат за Белград, на средби со српскиот државен врв, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средбата на Харадинај со, како што ги претставуваат медиумите во Приштина и Белград, „наблиските соработници на Меркел“, според соопштението од владиниот кабинет, се разговарало „за политичките и економски текови во земјата и регионот, како и за нормализацијата на дијалогот со Србија“.

– Премиерот Харадинај ги запозна советниците Хекер и Литенберг со напредокот на Косово и посветеноста на косовската Влада за економскиот развој на земјата, со нејзините приоритети, јакнењето на владеењето на правото и законот, Агендата на европските реформи и евроатлантската ориентација на Косово, се вели во соопштението.

Харадинај се заблагодарил за постојаната помош што Германија ја пружа на неговата држава, нагласувајќи дека таа е „еден од политичките и економски партнери на Косово, кои дадоа поддршка во најтешките моменти за земјата и сега во засилувањето на нејзиниот економски развој и јакнењето на меѓународниот субјективитет“.

По посетата на Приштина, каде што претходно се сретнаа и со претседателот Хашим Тачи, најавено е заминување на германските дипломати во Белград, каде што уште вечерва се очекува нивна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, а утре и со други високи државни претставници.

Целта на посетата на соработниците на канцеларката Меркел, според српските медиуми, е да се обидат да ги намалат тензиите меѓу Белград и Приштина.

– Овој состанок (со Вучиќ) е решавачки кога говориме за иднината на дијалогот и односите меѓу двете страни, изјави за весникот „Блиц“ извор од дипломатските кругови во Белград.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2019 17:34