Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Драган Мектиќ денеска е повикан да даде исказ во босанското државно Јавно обвинителство, во врска со неговите тврдења дека Хрватска врбува вехабисти во БиХ.

Јавното обвинителство на БиХ започна истрага за утврдување на сите околности и наводи во врска со тврдењата дека хрватски разузнавачи врбувале припадници на вехабистичкото движење за шверцување оружје во БиХ.

Според Мектиќ, во оваа акција бил вклучен и генералниот конзул на Хрватска во Тузла, Иван Бандиќ, како и новинарот Мате Ѓаковиќ, кој наводно управувал со возило сопственост на Конзулатот, со кое превезувал осомничени вехабисти.

По давањето исказ во Обвинителството, Мектиќ изјави дека ги информирал обвинителите за информациите со кои располага во врска со овој случај и дека видел и фотографии што потврдуваат дека Ѓаковиќ го управувал дипломатското возило на Хрватскиот конзулат во Тузла.

Ѓаковиќ вчера во изјава за Н1 ги негираше тврдењата на Мектиќ и најави дека ќе поднесе тужба против него.

Обвинувањата дека Хрватска врбува вехабисти во БиХ ги отфрлија и хрватската безбедносна агенција и властите во Загреб.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2019 12:38