Амбасадорот на Соединетите Американски држави во Косово Филип Коснет се сретна денеска со лидерите на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), од кои побара да не ги напуштаат косовските државни институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата за средбата со претседателот и потпретседателот на СЛ, Горан Ракиќ и Игор Симиќ, американскиот дипломат ја соопшти преку својата страница на Твитер, каде што објави и фотографија од средбата.

– Се сретнав со лидерите на Српска листа. Дискутиравме за интересите и проблемите на српската заедница во Косово – нивните избрани претставници треба да останат во косовските институции за да работат во име на нивната заедница, напиша Коснет.

Српската листа е дел од Владата на премиерот Рамуш Харадинај, но од воведувањето на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина, во Собранието делува како опозиција. И покрај тоа што нејзините министри и заменици министри остануваат на нивните функции, оваа партија изрази готовност да ги отстапи на опозицијата гласовите на своите десет пратеници, со цел да се урне Владата на Харадинај. Меѓутоа, албанските опозициски партии ја одбија оваа понуда, порачувајќи дека „нема да ја уриваат владата преку Белград“, затоа што СЛ се раководи исклучиво по инструкции и во интерес на властите во Србија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2019 19:07