Началникот на Здружениот генералштаб на Вооружените сили на САД, генерал Џозеф Данфорд ги негираше информациите што ги објавија некои медиуми дека Пентагон планира да задржи околу 1.000 свои војници во Сирија и покрај објавата на претседателот Доналд Трамп за целосно повлекување на американските сили од земјата.

Данфорд нагласи дека станува збор за „неточни факти“, додавајќи дека нема да има промени во планот за повлекување на американските војници од Сирија.

– Напротив, продолжуваме со детално планирање заедно со турскиот Генералштаб, околу безбедносните мерки на териториите долж турско-сириската граница. Планирањето досега беше продуктивно и го изработивме почетниот концепт што треба да биде дефиниран во следните денови, нагласи Данфорд.

„Волстрит Џурнал“ вчера објави дека преговорите меѓу САД, Турција и европските сојузници за воспоставување безбедносна зона во Сирија, што е клучен елемент од планот на Трамп за повлекување на американските војници од земјата, не довеле до целосно усогласување на ставовите по ова прашање.

Според весникот, САД сега планираат да ја продолжат соработката со бунтовничката алијанса Сириски демократски сили (СДФ), во кои најголема група се Силите за заштита на народот на сириските Курди, поради што најмалку 1.000 американски војници би можеле да останата во североисточниот дел на Сирија.

Турција ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 80-те години на минатиот век води вооружена борба за автономија на турските региони во кои мнозинство од населението се Курди. ПКК е на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Соработката на САД со силите на сириските Курди беше причина за тензии во односите меѓу Вашингтон и Анкара.

Турција досега во неколку наврати во соработка со сириските бунтовнички групи што ги поддржува, презеде воени операции против Силите за заштита на народот, Анкара најави дека подготвува офанзива против борците на сириските Курди на територијата во Сирија источно од реката Еуфрат, која речиси целосно е под контрола на СДФ, но под притисок на САД ги одложи таквите планови.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2019 11:21