Според официјалните податоци од руските надлежни институции и од надлежните институции на Република Македонија, не постои застој при влез на македонските камиони во Руската федерација, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) по денешната средба на ресорниот министер Љупчо Николовски со рускиот амбасадор во државава Сергеј Баздникин.

– Според последните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство, сите компании/извозници од држвава кои подигнале фитосанитарни сертификати со новото уставно име Република Македонија, без никаков проблем ги поминале граничните премини кон Русија, со што е овозможен непречен влез на камионите и пласман на македонските земјоделско-прехранбени производи на рускиот пазар. Ова го потврди и рускиот амбасадор Баздникин, кој на состанокот децидно посочи, дека од руска страна не постои ниту официјално известување, ниту каква било друга пречка за влез на македонските камиони во Русија, поради промената на уставното име на државата, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Во изминатите пет дена, додаваат од ресорното Министерство, во Русија се влезени шест македонски фирми/извозници што во таа држава извезуваат градинарски производи и овошје.

Министерот Николовски како претседател на македонскиот дел од Меѓувладината комисија за научно-техничка и трговско-економска соработка, го известил амбасадорот Баздникин, дека од македонска страна во консултација со руската страна ќе се интензивираат подготовителните активности и ќе се предложи датум за одржување седница на комисијата во најкус рок. Истовремено во овој период двете страни ќе ги утврдат областите за идна соработка меѓу двете држави. Рускиот амбасадор Баздникин, како што стои во соопштението, ја потенцирал заедничката заложба за рестартирање на работата на Комисијата, која што нема одржано седница од 2014 година.

– Руската Федерација е значаен економски партнер на Република Македонија, а последните податоци покажуваат пораст на извозот во Русија. Трговската размена помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во делот на земјоделско-прехранбените производи, во првиот месец од оваа година споредено со истиот месец 2018 година е зголемен за 90 проценти, и изнесува 1,6 милиони евра. Зголемениот извоз се должи пред се на извозот на јаболки во количина од 3.145 тони во вредност од 1,2 милиони евра. Вкупниот извоз за истиот период во Руската Федерација е зголемен за 41 отсто, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2019 15:39