Глобалните приходи од продажба на пиратски и фалсификувани производи лани пораснаа на 460 милијарди евра, што претставува 3,3 проценти од вкупната светска трговија. се наведува во заеднички извештај на Службата на ЕУ за интелектуална сопственост (ЕУИПО) и ОЕЦД објавен денеска.

Во извештајот се нагласува дека ова претставува „значителен“ пораст во однос на 2016 година, кога на пиратските стоки отпаѓаше 2,5 проценти од глобалната трговија.

Што се однесува само до ЕУ, приходите од пиратските стоки достигнале 121 милијарди евра, што претставува 6,8 отсто од вкупната трговија во Унијата. За споредба во 2016 година, на овие стоки отпаѓале пет проценти од вкупната трговија.

– Фалсификувањето (на стоки) и пиратеријата претставуваат голема закана за иновациите и економскиот раст, како во рамките на ЕУ, така и на глобално ниво, изјави извршниот директор на ЕУИПО, Кристијан Арчамбо.

Според него, „длабоко вознемирувачкото“ зголемување на пиратските стоки во глобалната трговија, јасно укажува на потребата од координирани активности на сите нивоа за нивно целосно отстранување.

Во извештајот се наведува дека од пиратските стоки најмногу се погодени развиените земји, како САД, државите членки на ЕУ и Јужна Кореја, додека како главни извозници на вакви производи се посочени Кина, Хонг Конг, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Сингапур, Тајланд, Индија и Малезија.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2019 15:48