Холандската полиција уапси уште едно лице под сомнение за поврзаност со нападот во Утрехт при што загинаа три лица, а петмина се повредени.

Портпаролот на Канцеларијата на јавниот обвинител Тис Кортман изјави дека три лица се во притвор, осомничениот напаѓач 37-годишниот Ѓокмен Таниш и уште две лица.

Кортман истакна дека Таниш е задржан во притвор под сомнение за убиство со можен терористички мотив. Тој додаде дека истрагата продолжува за да се утврди што го поттикнало да пука во трамвајот.

Властите не ги исклучуваат ниту другите евентуални мотиви, а холандските медиуми ги цитираат соседите на осомничениот, кои тврдат дека нападот е поврзан со љубовна врска.

Осомничениот Таниш од претходно им е познат на холандските власти.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2019 11:00