Низа помали британски компании го префрлаат своето работење на четиридневна работна недела поради се поприсутната идеја дека скратената работна недела ја подобрува продуктивноста на работниците и овозможува рамнотежа меѓу деловниот и приватниот живот.

Поради тоа, сè повеќе работодавачи експериментираат со давање три слободни дена неделно на своите работници, со задржување на истата плата, пишува британски „Гардијан“.

Министерот за финансии во сенка и член на Лабуристичката партија Џон Мекдонел нарача студија за утврдување на влијанието кое би го имало префрлањето од пет на четири работни денови на британската економија, додека Шкотската национална партија следниот месец треба да расправа за воведување четиридневна работна недела во Шкотска.

Во последните шест месеци тоа веќе го направија Синерџи Вижн, компанија специјализирана за комуникација во медицинскиот сектор, Електра Лајтнинг, која дизајнира светлосни уреди, произведувачот на долен веш Лара Интимејт и Интерпед камера, која произведува и извезува фотографска опрема.

– Ова беа шест убави недели со долги викенди, вели Нил Ноулс, консултант во Електра, која скратената работна недела ја воведе во јануари.

– Два од седум дена се едвај доволни за човек да закрепне од страсната недела. Но три дена се доволни да се одморите, но и да имате време нешто друго да правите, додава тој.

Работата од понеделник до четврток за Максим Грив од Интерпед стави крај на акумулираниот замор, кој го чувствувал во петок после работа. Дополнително, се кренале моралот и енергијата кај вработените, а поради чувството дека секој час работа е важен, се подобри и продуктивноста, појаснува Грив.

– Јас учам француски, Роко се придружи на театарска група, Хуго се посвети на столарија, а Сем изработува роботи, опиша Грив како тој и неговите колеги го поминуваат новооткриеното слободно време.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Всушност, преоптовареноста со разбота резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што денес ги знаеме.

За тоа, полека стануваат свесни и некои хрватските работодавачи, а некои компании како консултантската куќа „Логичка матрица“, со четиридневна работна недела почнаа кон крајот на минатата година.

– Па кој нормален може да биде задоволен ако вработените му пијат антидепресиви?!, праша тогаш директорката Рената Шепериќ Петак.

Таа вели дека поради скусената работна недела немале никакви проблеми со извршувањето на работните задачи и почитување на роковите. Напротив, работата им цвета, а стрес има помалку. „Гардијан“ не прецизира дали британските работодавачи во текот на четирите работни денови ќе ги надоместуваат работните часови од петок. Во „Логичка матрица“ од понеделник до четврток работат по 10 часа бидејќи законот налага дека полно работно време изнесува 40 часа неделно.

Но, ниту тоа не им е тешко на вработените во „Логичка матрица“ бидејќи пауза имаат кога и да им затреба и колку и да им затреба. За Шепериќ Петак не е важно дали некој седи во канцеларија одреден број часови. Она што е важно е вработениот да ја сработи работата квалитетно и на време, а дали тоа го направиле од дома, викендичка, градина или канцеларија е помалку важно, појасни директорката на компанијата каде на вработените викендот им трае три дена.

19 март 2019

Јутарњи лист – Загреб



Автор: Администратор
Објавено на: 19/03/2019 16:59