Функцијата в.д. претседател на Казахстан, по неочекуваната оставка на Нурсултан Назарбаев, денеска ја презеде поранешниот премиер Касим-Јомарт Токаев.

Тој ќе положи заклетва пред народот, по што ќе ја преземе функцијата. Церемонијата ќе се одвива на заедничка седница на двата дома на Парламентот.

Оставката на 78-годишниот Назарбаев, после 30 години на власт, беше соопштена вчера, а претставува дел од планираната транзиција во Казахстан, за време на која тој ќе има значително влијание врз понатамошните политички случувања.

-Одлучив да поднесам оставка, изјави Назарбаев во обраќањето до нацијата. Тој додаде дека таквата одлука воопшто не била лесна, но не ги наведе причините за оставката.

Согласно Уставот на Казахстан, наместо Назарбаев, до крајот на неговиот мандат во 2020 година, шеф на државата ќе биде претседателот на Горниот дом на Парламентот, Хашим-Јомрат Токаев од партијата на Назарбаев, Нур Отан.

На последните избори во 2015 година Назарбаев беше реизбран за уште еден петгодишен мандат со приближно 98 отсто од гласовите.

Токаев (65), искусен дипломат школуван во Москва, зборува англиски, руски и кинески јазик. Назарбаев вчера за Токаев изјави дека е „човек во кој може да се има доверба“.

Токаев, од своја страна изјави дека ќе продолжи да го води Казахстан по курсот зацртан од Назарбаев и оти со него ќе се консултира за клучните прашања. Тој предложи името на престолнината Астана да се смени во Нурсултан.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2019 10:49