Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска изјави дека партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан би требало да добие шестмесечна суспензија од членство во Европската народна партија (ЕПП).

Пред заминувањето за Брисел на средбата на ЕПП, Курц изјави дека ќе ја поддржи идејата на кандидатот на Европската народна партија за иден претседател на Еврокомисијата, Манфред Вебер за суспензија на Фидес за период од шест месеци.

Курц, кој е лидер на конзервативната Австриска народна партија (ОВП), изјави дека предлогот на Вебер го поддржуваат и германската Христијанско демократска унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел и нејзината сестринска партија, баварската Христијанско социјална унија (ЦСУ).

ЕПП, која ги обединува демохристијанските и конзервативните партии од Европа, последниве месеци во неколку наврати ја критикуваше Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на Орбан поради нејзината антимигрантска и деснопопулистичка реторика, како и поради политиките за контрола врз судството и медиумите и ограничување на работата на невладините организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2019 13:56