Пролонгирањето на истапувањето на Велика Британија од ЕУ за 30 јуни ќе доведе до сериозни „законски и политички ризици“, предупреди денеска Европската комисија, по официјалното барање на британската премиерка Тереза Меј за одлагање на Брегзит за три месеци.

Според Еврокомисијата, лидерите на ЕУ на Самитот, што ќе се одржи утре и задутре во Брисел, ќе треба да изберат меѓу краткорочно одлагање на Брегзит до 30 мај, како што бара Меј, или подолгорочно – најмалку до крајот на 2019 година.

Комисијата предупреди и дека одлагањето на Брегзит по 23 мај, ќе значи дека Велика Британија ќе мора да учествува на изборите за членови на Европскиот парламент предвидени за во мај годинава.

Меј денеска испрати писмо до претседателот на Европскиот совет Доналд Туск во кое формално побара пролонгирање на Брегзит до 30 јуни.

– Му пишав на претседателот на Европскиот совет за да го информирам дека Велика Британија бара продолжување на член 50 за период до 30 јуни, изјави Меј.

Во писмото до Туск, кое го објави Даунинг Стрит 10, Меј посочува дека во британскиот Парламент ќе побара уште едно гласање за договорот што нејзината Влада лани во ноември го склучи со ЕУ, а кој во два наврати беше одбиен во Долниот дом во Вестминстер.

– Доколку биде прифатен предлогот, јас сум сигурна дека Парламентот ќе го ратификува договорот. Но, тоа нема да може да заврши до 29 март… Поради тоа сакам да го информиран Европскиот совет дека Велика Британија бара продолжување на член 50 за периодот… до 30 јуни 2019 година, сои во писмото на Меј.

Европскиот совет утре ќе го разгледува барањето на Меј и се очекува таа да образложи на кој начин одложувањето ќе помогне да биде одобрен Договорот за излегување од ЕУ во британскиот Парламент.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/03/2019 14:40