Запалените стрништа низ источниот регион продолжуваат да прават штети на земјоделските култури, но и на објектите. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова денеска информира дека вчера во 13:35 часот во Полициската станица Кочани, В.В.(57) од Кочани пријавил дека истиот ден околу 12:00 часот во место викано „Дедомилева чешма“, атар на село Тркање, Кочанско, со пожар бил зафатен деловен објект, сопственост на З.В.(58) од Кочани.
– Во пожарот, што настанал од запалено стрниште, изгореле околу десет декари земјоделска површина-лозја, сопственост на повеќе жители на село Тркање. Пожарот бил локализиран од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани, а увид извршила екипа од Полициската станица Кочани и инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, вели Панајотова.
Таа информираше дека вчера е извршена и засилена акциска контрола на техничка исправност на возила со што се врши јавен превоз на патници. Контролирани се 57 автобуси и други возила што вршат јавен превоз, од кои 54 се упатени во Станица за технички преглед. Притоа, кај девет возила е утврдена неисправност на уред за запирање, кај едно неисправен уред за управување, додека две возила не извршиле вонреден технички преглед.
Преземени се вкупно 22 мерки по горенаведените прекршоци и издадени се 12 прекршочни платни налози. Санкционирани се и 19 останати прекршоци.