Со акцијата за собирање на кабаст отпад и електронска опрема што општина Кисела Вода во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ ја започна вчера, досега во урбаните заедници Црниче и Пржино собрани се седум тони отпад, информираат од општината.
Покрај оваа акција, во истите урбани заедници се одвиваат и активности за расчистување на отпадоците одложени од страна на несовесни граѓани на тротоарите, улиците и тревните површини. Се средуваат детските игралишта, а се кастрат и исушените гранки на дрвјата и грмушките.
Од општината велат дека акцијата за собирање на кабаст отпад и електронска опрема ќе продолжи да се одвива следната седмица во четврток и петок во УЗ Драчево, МЗ Драчево и МЗ Подстаница.
Локалната самоуправа апелира до граѓаните за почитување на Законот за јавна чистота, како би придонеле за чиста Кисела Вода.