Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ бараат итно да запре механичкото чистење на езерата во Градскиот парк, за кое велат дека се спроведува нестручно и насилно, а со тоа се уништува животната средина.
– Во денови кога се чистат езерцата во Градскиот парк во град Скопје, трапаво, без елементарно знаење и чувство се уништува животното подрачје на бројни растенија и животни, се врши ликвидација на езерскиот разновиден жив свет, убиваат илјадници школки, рептили (скопскиот гекон), речни змии, жаби, тритони, алги…, реагираат од „Анима мунди“.
Оттаму посочуваат дека се уништува богат и разновиден природен амбиент што е живеалиште на повеќе од 90 видови птици.