Францускиот претседател Емануел Макрон го потврди денеска „историскиот ривалитет“ меѓу Европската унија и Кина и ги повика двете страни на јакнење на мултилатерализмот, додека шефот на кинеската држава Си Џинпинг рече дека соработката е главниот тек во односите меѓу Кина и Европа и дека тие ривалства се безопасни.

Макрон нагласи дека постои желба напредок да се постигне преку обновување на мултилатерализмот.

– Меѓу нас постојат несогласувања, очигледно во историјата на човештвото не оди без ривалства, никој од нас не е наивен, изјави Макрон по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер. – Но, ние ја повикуваме Кина и решени сме да водиме дијалог и да постигнеме соработка, истакна францускиот претседател.

Соработката е главниот тек во односите меѓу Кина и Европа, рече кинескиот претседател Си и истакна дека „дури и ако постојат разлики и ривалство, тие се безопасни”.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер пак го повтори барањето европските компании да имаат поголем пристап до кинескиот пазар.

Јункер нагласи дека сака поконкретен реципроцитет во односите меѓу Унијата и Кина со цел „европските компании да имаат исто ниво на пристап до кинескиот пазар, како што кинеските компании го имаат во Европа”.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/03/2019 15:44