Најдобар начин на кој САД ќе и покажат на Русија како да си замине од Венецуела, е тоа да го демонстрираат со сопствен пример, оцени денеска претседателот на Комитетот за надворешни работи на горниот дом на рускиот Парламент, Советот на Федерацијата, Константин Косачов.

– Логичен одговор на повикот на Вашингтон до Русија да се повлече од некое место е да го покаже со личен пример како се прави тоа. Листата на земји надвор од Западната Хемисфера каде Америка навистина нема што да бара, би заземала премногу место, објави Косачов на Фејсбук.

Косачов во изјава за телевизијата „Русија 24“, пак, нагласи дека со барањето на Вашингтон за повлекување на руските војници во Венецуела, американскиот претседател Доналд Трамп се обидува „дрско да се меша“ во односите меѓу две суверени земји.

Како што претходно објави Москва, руските војници и опрема се стационирале во Венецуела согласно Воено-техничкиот договор потпишан помеѓу Владите на двете земји.

Трамп денеска побара руските војници да се повлечат од Венецуела. – Русија мора да замине, изјави Трамп на средба со Фабијана Розалез, сопруга на самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо.

Според Трамп, Вашингтон ги разгледува сите опции за повлекување на руските војници.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 02:42