Жителите на Папуа Нова Гвинеја на 45-годишна возраст имаат здравствени проблеми на просечен 65-годишник, а се чувствуваат онака како што во Франција или Сингапур луѓето се чувствуваат на 76 години. Ова се резултатите на обемен научен труд објавен во списанието „Лансет”.

Истражувањето опфатило податоци за жителите на 195 земји. Според него, најмладо се чувствуваат Јапонците и Швајцарците, кои кога имаат, на пример, 76 години, се чувствуваат како 65-годишни. Потоа следат Франција, Сингапур, Кувајт и Јужна Кореја.

Македонија е на 102. место на листата.

На дното, пред Папуа Нова Гвинеја, се Маршалските Острови и Авганистан, каде што 51-годишните се чувствуваат како 76-годишници

Пресметките се работени врз основа на социо-демографскиот индекс (СДИ), кој ги опфаќа просечните приходи, образованието, болестите и вкупната стапка на раѓање.

– Лидерите на влади, како и останатите кои иимаат удел во здравството, треба да го имаат предвид и тоа кога луѓето почнуваат да страдаат од негативни ефекти на стареењето… Тоа значи и дека треба да се обрне внимание и на факторите кои можат да ги одложат симптомите на стареење, смета д-р Анџела Ченг, шефицата на истражувањето.

Тука спаѓаат физичките активности, откажувањето од цигари, па и подобра организација на здравствениот систем.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 14:43