Зголеменото производство на нафта од шкрилци за САД не е само економски успех што земјата ја направи независна од увозот на „црното злато“, туку и ги зацврсти позициите на Белата куќа во однос на повеќе надворешно политички прашања, изјави американскиот заменик министер за енергетика Ден Бруиет.

Во интервју за денешниот број на весникот „Фајненшл Тајмс“, Бруиет истакнува дека некои од тие надворешно политички одлуки се признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, како и на израелскиот суверенитет на Голанската Висорамнина.

– Важен фактор во одлуката на Администрацијата на (американскиот претседател) Доналд Трамп да ја премести амбасадата на САД во Ерусалим и да ја признае Голанската висорамнина како дел од Израел, е сегашната нафтена независност на САД, истакна тој.

Според него, одлуките во американската надворешна политика се диктирани од новата положба што САД на пазарот.

Тој нагласи дека тие решенија не би биле донесени ако САД како досега биле зависни од други земји во снабдувањето со нафта и бензин.

Според Бруиет, сегашната положба во која се наоѓаат САД „драстично се разликува“ од ситуацијата во 1973 и 1974 година, кога поради нафтеното ембарго кон арапските земји за време на арапско-израелските војни, нафтата драстично поскапи. Тој нагласи дека САД сега се дел од глобалниот пазар на нафта и повеќе не зависат од други снабдувачи.

Како што истакна заменик министерот за енергетика на САД, зголеменото производство на нафта од шкрилци „ќе му овозможи на претседателот да донесува такви одлуки на меѓународната политичка сцена какви што досега едноставно не им беа достапни на претходните претседатели.

– Слободата што со ова им се дава како на сегашниот претседател, така и на идните претседатели е зашеметувачка, изјави Бруиет во интервјуто за „Фајненшл Тајмс“.

Тој, исто така, смета дека зголеменото производство на нафта во САД го ослабило влијанието на членките на Организација на земјите извознички на нафта (ОПЕК) врз глобалната трговија со енергенсот.

Официјален претставник од Администрацијата во Вашингтон изјави за весникот дека „енергетски силната Америка“ му дозволува на Вашингтон да ги брани американските интереси во светот и да ги поддржува партнерите и сојузниците.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 16:05