Американското Министерство за домување и урбано планирање ја даде на суд социјалната мрежа Фејсбук, поради „ширење, дозволување и предизвикување“ незаконска дискриминација на потенцијалните купувачи на недвижности, објави „Вашингтон Пост“.

Министерството смета дека Фејсбук го прекршува американскиот Закон за повластено домување, со тоа што корисникот кој објавува реклама за продажба или изнајмување на станбен простор може да го ограничи прикажувањето на рекламата за афроамериканските или латиноамериканските корисници, како и за жителите од регионите со пониски примања.

– Фејсбук ги дели луѓето според тоа каде тие живеат. Користењето на компјутерите за да се ограничи изборот на станбен простор е исто толку дискриминаторски како некој да ви тресне врата пред нос, изјави американскиот министер за домување и урбано планирање, Бен Карсон.

Неодамна, социјалната мрежа склучи судски договор со невладината организација Национална алијанса за повластено домување, која го тужеше Фејсбук за неговата рекламна политика во областа на недвижностите.

Социјалната мрежа од своја страна соопшти дека е изненадена поради тужбата од Министерството и посочи дека работи на решавање на проблемот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2019 18:28