Норвешкиот министер за правда Тор Вара денеска поднесе оставка на функцијата, откако беше обелоденето дека неговата партнерка организирала лажирани напади врз нив, со цел да прикаже во јавноста дека се под закана.

Вара (53), кој е член на десничарската популистичка Партија на прогресот, и ја врачил оставката на норвешката премиерка Ерна Солберг, која веднаш ја прифатила.

– Ова беше тешка одлука за мене. Искрено, тажна сум што дојдовме до нешто вакво. Ќе ни недостига неговиот придонес во работата на Владата, изјави Солберг по прифаќањето на оставката.

Вара уште пред две недели времено се повлече од министерската функција, откако норвешките безбедносни служби започнаа истрага против неговата партнерка Лајла Бертусен во врска со нападите. Оставката на Вара уследи откако Јавното обвинителство денеска и официјално ја обвини Бертусен за инсценирање на нападите.

– Последните неколку недели беа тешки за мене и за моето семејство. Одлуката (да поднесам оставка) беше само моја, изјави Вара, кој е норвешки министер за правда помалку од една година.

Скандалот води корени од крајот на 2018 година, кога Бертусен поднесе тужба против еден театар кој објави фотографии од домовите на неколкумина политичари, вклучително и на нејзиниот со Вара, како дел од претстава чија цел беше да покаже кој имал поголема полза од „посегрегираната и расистичка“ Норвешка.

По ова следеа серија напади врз семејство на Вара, при што меѓу останатото лани во декември на неговиот дом беше нацртана свастика и беше напишано „расист“, а кон средината на овој месец беше подметнат пожар во неговиот автомобил. Истрагата утврди дека нападите ги исценирала Бертусен.

До изборот на наследник на Вара, вршител на должноста министер за правда ќе биде неговиот сопартиец Јон Георг Дале.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 09:12