Властите во Мозамбик соопштија дека бројот на заболени од колера по разорувачкиот циклон, што ја погоди земјата се искачи на 138.

Според информациите на здравствените официјални претставници, вчера утрото биле пријавени пет случаи на колера.

Таа болест е главната грижа на илјадниците преживеани, кои се наоѓаат во многу лоши хигиенски услови. Болеста, која се шири преку контаминирана храна и вода, предизвикува акутна дијареа и може да доведе до смртни последици во рок од неколку часови ако не се лекува орално со раствор за рехидратација или интравенски кај потешките случаи.

СЗО предупреди на „втора катастрофа“, ако се прошират болести, кои се пренесуваат преку вода во уништениот регион. Околу 900.000 вакцини против колера беа испратени во вторникот кон регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 12:08