Рокот за излегување на Обединетото Кралство од Европска Унија истекува денеска, согласно договорениот календар помеѓу двете страни, но во отсуство на јасна позиција од британска страна, ЕУ се подготвува за Брегзит без договор, јави дописничката на МИА од Брисел.

Британскиот Парламент во текот на денешниот ден третпат ќе гласа за договорот за Брегзит на премиерката Тереза Меј, иако веќе двапати го отфрли. Во обид да изнуди мнозинство, Меј ќе бара од парламентарците да гласаат само за договорот за излегување, но не и за политичката декларација која го придружува договорот.

Доколку парламентарците го одобрат договорот денеска, Брегзит ќе биде одложен до 22 мај, во спротивно, одлагањето ќе трае само до 12 април, кога британската Влада ќе треба да се изјасни пред европските партнери што планира да прави понатаму и на кој начин. Во случај да биде повторно отфрлен договорот денеска, станува сѐ поверојатна опцијата за Брегзит без договор.

Амбасадорите на 27-те земји членки на вчерашниот состанок во Брисел разговараа за идната позиција на ЕУ во преговорите со Британците по 12 април токму во случај на Брегзит без договор. Земјите членки инсистирале дека е потребно да се биде „цврст“ кон Британците во иднина, посебно за прашањето за ирската граница, за правата на европските граѓани кои живеат во Велика Британија и за финансискиот долг на Лондон кон ЕУ.

Сите земји членки индивидуално интензивно се подготвуваат за Брегзит без договор, посебно откако во средата британските парламентарци ги отфрлија и сите други осум опции кои им беа понудени во обид да се надмине ќор-сокакот. Опциите вклучуваа отповикување на Брегзит, постојана царинска унија со ЕУ, Брегзит без договор или пак нов референдум.

Европската Комисија вчера одби да коментира што понатаму и кои варијанти би биле прифатливи или правно одржливи. Портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас изјави дека сега е потребно позитивно гласање за да се знае каде се движи процесот.

ЕУ сега чека да види дали ќе се одржи најавеното гласање денеска и за што точно ќе се гласа: дали само за договорот за напуштање без политичката декларација, или некоја друга варијанта, но британските медиуми објавија дека Меј и натаму нема поддршка од својот северноирски коалициски партнер, поради прашањето за ирската граница и така наречениот бекстоп, клаузула на која инсистира ЕУ поради потребата да се сочува интегритетот на европскиот внатрешен пазар. Северна Ирска стравува дека оваа клаузула ќе значи де факто останување во ЕУ за целиот остров и оддалечување од остатокот од Обединетото Кралство.

На вчерашниот амбасадорски состанок, земјите членки и ЕУ се согласиле дека дури и во случај на Брегзит без договор, европската страна нема да се откаже од условите за ирското прашање.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 12:50