Никола Барние, синот на шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит и поранешен француски министер, Мишел Барние, соопшти дека ќе се кандидира за европратеник на претстојните избори за Европскиот парламент, но во Белгија.
Триесет и три годишниот Никола Барние ќе се кандидира на листата на владејачката либерална партија на Белгија (Реформско движење). Според белгиските медиумите, потегот бил смислен заеднички од страна на белгискиот премиер Шарл Мишел и францускиот претседател Емануел Макрон, чија нова партија сѐ уште не членува во ниту една европска политичка група, и размислува да им се приклучи на либералдемократите од АЛДЕ, каде е и Реформското движење на Мишел. Во секој случај, коментираат белгиските медиуми, целта на Мишел и Макрон, кои се пријатели и во приватниот живот, е да се „скрши хегемонијата на владеењето на центар десницата од една страна и социјалдемократите од друга“ во Европскиот парламент. Мишел Барние меѓутоа е член на европската десница, Европската Народна Партија.
Никола Барние тврди дека, иако е француски граѓанин и не може да се откаже од своето државјанство, тој ќе ги застапува интересите на белгиските граѓани доколку биде избран за европратеник во мај.
-Белгија е мојата втора татковина, имам тука многу пријатели, доаѓам секој втор викенд и тука ќе живеам, доколку бидам избран ќе останам Француз, тоа не можам да го сменам, но ќе се борам за белгиските земјоделци, изјави младиот Барние во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“.
Европските граѓани имаат право да се кандидираат во било која друга земја членка на ЕУ за изборите за Европски парламент. Па така, поранешниот италијански министер, Сандо Гоци, се кандидира на листите на партијата на Макрон во Франција.
Со оглед на начинот на кој ги водеше преговорите за Брегзит, Мишел Барние е меѓу фаворитите за иден претседател на Европската Комисија иако не е формално кандидат.
Официјално кандидат на ЕПП е Германецот Манфред Вебер, но францускиот претседател веќе порача дека следниот шеф на ЕК ќе треба да биде резултат на компромис меѓу земјите членки, а не кандидатот на партијата што ќе победи.