Стејт департментот синоќа го постави на усвојување до Конгресот годишниот извештај за Меѓународна стратегија за контрола на наркотици (ИНЦСР). Извештајот се осврнува на напорите на водечките земји за борба против меѓународната трговија со дрога и хемиски супстанци во 2018 година, но и на загрижувачката криза со опиоиди во САД.

Извештајт е составен од два дела, првиот се осврнува на владина контрола на нелегалната пролиферација и употреба на дрога и хемиски супстанци во повеќе од 70 земји во светот, во вториот се говори за перење пари и финансиски криминал поврзан со нелегалната трговија со дрога во повеќе од 80 земји.

Во него се истакнува дека САД се уште се зафатени од епидемијата со употреба на синтетички лекарства против болки, таканаречените опиоиди, и дека ова претставува проблем не само овде туку и на глобално ниво.

Понатаму се укажува на зголемената трговија и примање на фентанол и други опасни синтетички опиоиди насекаде низ светот, но и на зголеменото производството на кокаин и метамфетамин и распространетото производство на херион во Авганистан.

-За борба против овие наркотици потребни се дополнителни заложби од владите-партнери кои понекогаш се поддржани од САД. Потребна е поддршка за лоцирање и прекинување на врските за снабдување со наркотички средства, одгледувањето и производството на дрога, како и лоцирање на патот на парите, но и намалување на побарувачката на хемиски супстанци и наркотици, се вели во извештајот ИНЦСР.

Според американскиот Центар за спречување и контрола на болести, бројот на смртни случаи поврзани со предозирање од опиоиди во САД од 1999 година досега се зголемил за шест пати. Така на пример, во 2017 година имало 70.200 смртни случаи од предозирање од дрога, но 68 отсто од нив се смртни случаи од премногу употреба на опиоиди.

Колку е проширена кризата со опиоиди во САД говори и фактот дека од предозирање со овие лекарства дневно умираат околу 130 Американци, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Опиоиди се синтетички лекарства против болки кои во САД легално се препишуваат од страна на лекарите. Ако овие хемиски супстанци се примаат во подолг временски пероид предизвикуват зависност слична на онаа која се добива од употребата на хероин или фентанил.

Американскиот претседател Доналд Трамп во октомври 2017 година истакна дека кризата со опиоиди е вонредна состојба во јавното здравство на САД.

-Ова е најлошата криза поврзана со наркотици во американската историја, истакна тогаш тој, порачувајќи им на федералните агенции да ги преземат сите потребни мерки за намалување на смртноста од опиоиди.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2019 19:13