Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ив Ле Дриан, по апсењето на три лица во Израел обвинети за узурпирање на неговиот идентитет за да проневерат повеќе милиони евра од Французи, изјави дека никој не може да се преправа дека е тој, јавува дописникот на МИА.

-Не може некој да се преправа дека сум јас, изјави тој во Њујорк на маргините на состанок на ОН.

-Ако некој се обиде да се претстави како мене, ќе оди в затвор, тоа е она што се случи, додаде тој.

Телефонски повици, пораки, разговори преку „Скајп“ биле организирани од лажниот министер во лажна канцеларија.

Запрашан за сличноста на неговата канцеларија со онаа која била користена од измамниците, министерот одговори: „Тие беа навистина силни и, за жал, има луѓе кои беа жртви. Тие го имитираа добро мојот глас. Но, не можат да изгледаат како мене”.

Според извор близок до истрагата, операцијата на израелската полиција се случила на 26 февруари во Нетаниа, предградие на Тел Авив. Француско-израелското трио на измамници било инспирирано од една измама на која веќе беше жртва Жан-Ив Ле Дриан во 2015 година, кога тој беше министер за одбрана во времето на Франсоа Оланд.

Овој вид на измама, наречен „лажни налози за трансфер на пари” или „претседателска измама” е класичен, каде сторителите обично се претставуваат како да се сопственикот на претпријатие за да изнудат исплата на на големи суми на пари од вистинските соработници во претпријатието.

Според истрагата, тројцата осомничени се на возраст од 37 до 47 години. Тие го узурпирала идентитетот на министерот за надворешни работи и неговиот шеф на кабинетот од есента 2018 за да извлечат од бизнисмени или богати угледни личности, големи суми пари.

За да ги убедат своите жртви, тие тврделе дека парите ќе бидат искористени за ослободување на француски заложници во тајност, за да не се прекрши официјалниот став на Париз дека не плаќа откуп. По бројни обиди, тие успеале да измамат повеќе жртви и да стекнат со околу осум милиони евра кои ги ставиле на „преодни сметки” во Европа и Азија пред истите да се загубат во финансиската џунгла.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2019 12:27