Рок групата „Д Кјур“ (The Cure) синоќа се примени во Рокенрол салата на славните, а на церемонијата настапија со пет нивни хитови, вклучително и „Лавсонг“ (Lovesong) и „Бојс донт крај“ (Boys Don’t Cry).

Признанието за „Д Кјур“ уследи дури по 40 години постоење на групата и исто толку радиски синглови, десетици милиони продадени албуми ширум светот. Групата неодамна најави дека во текот на летото ќе го објави својот прв студиски албум по 11 години.

Покрај „Д Кјур“ синоќа во Рокенрол салата на славните беа примени и групите „Деф Лепард“ (Deff Leppard), „Рокси Мјузик“ (Roxy Music) „Радиохед“ (Radiohead) и „Зомбис“ (The Zombies) и пејачките Џенет Џексон и Стиви Никс. Овогодинешната церемонија беше историска поради фактот што Стиви Никс е првата жена која двапати е примена во Рокенрол салата на славните, откако во 1998 година стана дел од великаните како членка на групата „Флитвуд Мак“ (Fleetwood Mac).

Приемот во Рокенрол салата на славните е една од најголемите потврди за големината на некој уметник и неговото влијание врз модерната музика, а годинава публиката првпат учествуваше во изборот на музичарите преку гласање. Според правилата мора да поминат 25 години од издавањето на првиот албум на групата или пејачот.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2019 10:49