Еден палестински тинејџер е убиен, а повеќе од 200 лица се повредени, од кои 46 имаат рани од огнено оружје, при денешното одбележување на една година од почетокот на протестите поради израелската и египетската блокада.

На денешните протести учествуваа десетици илјади Палестинци на границата помеѓу Појасот Газа и Израел, а организаторите најавија дека ќе продолжат неделните акции.

Израелската армија соопшти дека Палестинците фрлале експлозивни направи кон граничната ограда на што војниците одговориле со средства за справување со немири, но оти не употребиле боева муниција.

Протестниот комитет ги повика Палестинците следниот петок повторно да протестираат на граничната ограда. Повикот е упатен и покрај објавата на Хамас, под чија контрола е Појасот Газа, дека е постигнат договор за ублажување на блокадата на Газа.

Протестите почнаа на 30 март минатата година по повод Денот на земјата во сеќавање на шесте израелски Арапи убиени во 1976 година за време на протестите поради конфискација на земја и се одржуваат еднаш неделно, вообичаено во петок. Демонстрантите бараат враќање на палестинските бегалци кои ги напуштија домовите по формирање на еврејската држава во 1948 година и укинување на блокадата од Израел и од Египет, воведена во 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата над Појасот Газа од Фатах.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/03/2019 10:55