Катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, го напушти предвреме 30-тиот самит на Арапската лига во Тунис.

Не е позната причината за неговото заминување.

Емирот го напушти состанокот откако присуствуваше на церемонијата на отворањето. Официјалниот претставник на Катар го напушти состанокот, додека говореше Ахмад Абул Гејт, генерален секретар на Арапската лига, изјавија неименувани извори и додадоа дека емирот веднаш го напуштил и Тунис.

Катар е во центар на дипломатски конфликт од јуни 2017 година. Неколку арапски земји предводени од Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските врски со Катар, обвинувајќи ја земјата дека е премногу блиска со Иран, регионалниот ривал на Ријад. Катар ги отфрли овие обвинувања, а спорот сé уште не е решен.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2019 02:20