Русија внимателно ги следи резултатите од изборите во Украина и оттаму се препорачува тие да не бидат признати.

– Комитетот на Државната дума за работи на Заедницата на независни држави и евроазиски интеграции му порача на Долниот дом на рускиот Парламент да не ги признава резултатите од изборите за претседател на Украина, изјави претседателот на Комитетот, Леонид Калашњиков.

Тој истакна дека „во Советот на Државната дума денеска ќе се расправа за непризнавање на изборите. Ние тоа го одобривме во Комитетот, ја усвоивме препораката и сега е до Советот“.

Според него, „во првиот круг од претседателските избори не гласал целиот југоисточен дел, Донбас и Украинците кои живеат во Русија“.

– Тоа се пет-шест милиони луѓе, односно една третина од сите кои излегле на гласање. Тоа е причина да не го признаеме легитимитетот на изборите, нагласи шефот на Комитетот.

Калашњиков истакна дека тоа автоматски не ја исклучува секоја соработка со новиот претседател на Украина, туку само ако биде реизбран Петро Порошенко.

– Не значи дека ние нема да соработуваме со властите, ниту да контактираме со нив. меѓутоа ако тоа биде Порошенко, тогаш каква може да биде соработката? Тој директно изјавува дека ќе ја продолжи политиката на русофобија и освојување територии. За Русија тој одамна е човек кому не може да му се пружи рака, изјави Калашњиков.

Во Украина вчера се одржа првиот круг од претседателските избори. Според преброените 55,50 отсто од избирачките ливчиња, комичарот Володимир Зеленски освои 30,25 отсто од гласовите, на второ место се наоѓа Петро Порошенко со 16,54 отсто, а трета Јулија Тимошенко со 13,09 проценти. Во вториот круг најверојатно ќе се борат Зеленски и Порошенко.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2019 11:14