Употребата на вештачка интелигенција во германската индустрија брзо се шири, покажуваат резултатите од истражувањето објавено денеска, на првиот ден од саемот за индустрија во Хановер.

– Околу 12 отсто од компаниите во производствениот сектор веќе користат вештачка интелигенција (АИ), изјави претседателот на здружението на компании во германскиот ИТ сектор – Битком, Ахим Берг.

Според него, вештачката интелигенција ги освојува фабриките. Берг додава дека новите технологии имаат потенцијал да ја донесат „вистинската револуција“ во индустријата.

Според истражувањето на Битком, половина од сите компании ги базираат своите бизнис планови на претпоставката дека машинското учење ќе донесе огромни промени во бизнисот. Притоа, 47 отсто од анкетираните бизнис лидери очекуваат подобрување на продуктивноста, а 39 отсто сметаат дека вештачката интелигенција ќе може да ги предвиди проблемите со одржувањето.

Во моментов, околу една четвртина од машините во германската индустрија се поврзани на интернет. Според истражувањето, секоја десетта компанија ги поврзува своите машини.

Годинава индустриските компании планираат да вложат околу пет отсто од вкупните приходи во ИТ секторот, соопштија од Битком.

ИТ е главната тема на годинашниот индустриски саем во Хановер, најголемиот од таков вид во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/04/2019 16:44