Излегувањето на Велика Британија од Европската унија и по синоќешното гласање остана во ќор-сокак, откако британските парламентарци не изгласаа ниту една од опциите за Брегзит.

Британските пратеници не успеаја да обезбедат мнозинство ниту за еден од четирите предлози за излегување од кризата во однос на Брегзит, меѓу кои и опцијата за останување во царинска унија со ЕУ и нов референдум за членството на Велика Британија во ЕУ.

Пратениците од опозициската Лабуристичка партија беа повикани да го поддржат планот за примена на т.н. норвешки модел, според кој Велика Британија би ја напуштила ЕУ, но би ја задржала слободата на движење и би придонесувала во буџетот на ЕУ. Овој предлог беше наблиску до обезбедување мнозинство, но опцијата е поразена за три гласа. Предлогот за потврден референдум за кој и да е договор доби најмногу гласови, но и тој доживеа неуспех на гласањето со 292 наспроти 280 гласови.

Лидерот на лабуристите Џереми Корбин во писмо до пратениците да го поддржат тој предлог, како и предлогот за царинска унија, а од партијата беше побарано да ја поддржи и опцијата со која се повикува на потврден референдум.

Конзервативците добија слобода да гласаат по сопствено убедување, односно не добија насоки од Владата која опција да ја поддржат.

За време на дебатата, 12 активисти за борба против климатските промени организираа протест на јавната галерија така што се соблекоа и ги открија слоганите на своите тела. Одделни демонстранти со лепак ги залепија своите дланки за стаклото на галеријата. По речиси 25 минути интервенираше полицијата и ги отстрани од платформата за набљудување. Тие се приведени поради непримерно однесување на јавно место.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 09:54