Владата на Берлин се повеќе е загрижена поради показателите што укажуваат дека се приближува нова криза на германската економија, па затоа се труди да ги отстрани ризиците во време кога канцеларката Ангела Меркел влегува во последната година од нејзината политичка кариера, оценува „Блумберг“.

Според агенцијата, иако Владата на Меркел јавно предвидува само „мало забавување, пред повторниот раст на економијата во текот на следната година“, сепак сите знаци укажуваат дека властите тајно се подготвуваат за потенцијално многу полоши последици.

Посебно се загрижени лидерите кои се подготвуваат да го преземат „кормилото“ по заминувањето на Меркел, бидејќи стравуваат дека економскиот шок може да ја погоди земјата во текот на политичката транзиција, наведува „Блумберг“.

Двајца високи претставници на владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ) минатиот месец изразија стравување дека очекуваната економска криза би можела да ја „потресе“ германската политичка сцена во пресрет на следните избори.

Според „Блумберг“, најјасен показател дека германската Влада е се понервозна е нејзиниот план за спас на „Дојче банк“ преку нејзино спојување со конкурентската „Комерцбанк“.

Фактот дека министрите се подготвени да го преземат ризикот од укинување на 30.000 работни места, покажува колку Владата сериозно ги сфаќа предупредувањата за можна рецесија, заклучува американската агенција, додавајќи дека во прилог на ваквата оценка оди и најавата дека е можно да се разгледа олеснување на уставните ограничувања за владините трошоци.

– Постојат многу глобални ризици по економијата. Ако тие глобални ризици се зголемат дополнително, тоа веројатно ќе биде премногу за одржливиот развој, изјави за „Блумберг“ членот на Комисијата за економија на Бундестагот и на владејачката ЦДУ, Матијас Хајдер.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц минатата недела изјави дека е подготвен да ги преземе сите расположливи фискални средства за стимулирање на економијата, доколку дојде до криза.

– Добрите стабилни финансии се најдобра подготовка за период на голема економска неизвесност, изјави Шолц, кој уште во јануари предупреди дека „златните години за Германија се завршени“.

Но, иако проблемите над Берлин се натрупуваат, луѓето блиски до Меркел испраќаат јасна порака дека „не треба да се превртува чамецот, што веќе се ниша“, заклучува „Блумберг“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 12:20