Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган поднесе жалба на резултатите од локалните избори во сите 39 окрузи во Истанбул, откако според преброените гласови победи кандидатот на Републиканска народна партија (ЦХП).

Екрем Имамоглу од ЦХП вчера изјави дека води со 25.000 гласови, а тоа го потврди и неговиот противкандидат за градоначалник од АКП, поранешниот премиер Бинали Јилдирим.

Неизвесноста поради локалните избори дополнително ја намали вредноста на турската национална валута, лирата, која минатата недела значително се намали поради недовербата на турските граѓани кои купуваа долари и злато.

Вредноста на лирата денеска се намали за два отсто во однос на американскиот долар поради тензиите со САД, кои одлучија да ја прекинат испораката на опрема за воените авиони Ф-35, истакнувајќи дека ќе се реализира испораката само ако Турција се откаже од купување на рускиот противракетен сиситем С-400.

Турските медиуми вчера објавија дека АКП ја изгуби власта во Анкара, првпат од формирањето на партијата во 2001 година. Истанбул е многу поважен бидејќи е најголем град во Турција, трипати поголем од Анкара. Ердоган својата политичка кариера ја почна како градоначалник на Истанбул (1994-1998).



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2019 18:18