Стапката на инфлација во Турција во текот на март достигна речиси 20 отсто, соопшти денеска Турскиот статистички институт (ТуркСтат), само три дена по локалните избори во земјата на кои владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган претрпе пораз во поголемите урбани и економски центри, вклучително и во Истанбул и Анкара.

Според податоците на ТуркСтат, инфлацијата во Турција во март изнесувала 19,71 отсто на годишно ниво, што претставува зголемување во однос на февруарските 19,67 проценти.

Институтот посочува дека растот на инфлацијата во најголема мерка се должи на зголемување на цените на храната и безалкохолните пијалаци за 29,77 отсто.

На почетокот на март, турската централна банка донесе одлука да ја задржи непроменета висината на нејзината основна каматна стапка на 24 проценти, предвидувајќи „мал пад на инфлацијата“.

Инфлацијата во Турција почна драстично да расте во текот на втората половина на минатата година, кога од јунската стапка од 15,39 отсто се зголеми на над 25 проценти во октомври, што претставуваше нејзино највисоко ниво во последниве 15 години. Во такви услови, на крајот на 2018 година турската економија западна во рецесија.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 11:49