Поразот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на локалните избори во Анкара и во другите градови, кои се гледаат како референдум за лидерството на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, го одразува незадоволството на гласачите од состојбата во турската економија и начинот на кој тој управува со неа, пишуваат светски медиуми.

Локални, но историски

Ердоган претрпи голем пораз на локалните избори, бидејќи неговата владејачка партија АКП, првпат од основањето во 2001 година, ја загуби контролата над главниот град Анкара, а може да го загуби и родниот град на Ердоган, Истанбул, најголемиот „плен“ на овие избори.

Ердоган, кој доминира во турската политика откако дојде на власт пред 16 години, во последните два месеца неуморно ја водеше кампањата за изборите, кои ги опиша како „прашање за опстанок“ на Турција. Меѓутоа, секојдневните претседателски собири со огромна медиумска покриеност не му помогнаа да го придобие мнозинството гласачи во двата најголеми града.

Поразот на партијата во Анкара е значаен удар за претседателот. Да го изгуби Истанбул, град трипати поголем од главниот град, каде што ја започна својата политичка кариера и служеше како градоначалник во деведесеттите, ќе биде уште поголем шок.

Турскиот новинар Русен Чакир на Твитер напиша дека овие локални „избори се историски како и (изборите во) 1994 година“ – кога Ердоган беше избран за градоначалник на Истанбул.

– Тоа е показател дека страницата, што е отворена пред 25 години, сега се врти, напиша турскиот новинар.

Казна поради тонење на економијата

Ердоган на локалните избори првпат го почувствува вкусот на поразот во клучните градови, оценува „Њујорк тајмс“, укажувајќи дека изборите во неделата внимателно се следат како барометар за неговата популарност кај гласачите откако турската економија влезе во рецесија, а тој презеде широки извршни овластувања.

Тонењето на економијата е во центарот на загриженоста на гласачите, истакнува „Њујорк тајмс“, потсетувајќи дека по неколку години на импресивен раст, Турција во март влезе во рецесија, со невработеност од над 10 отсто, пад на вредноста на лирата од 28 отсто во 2018 година и инфлацијата во последниве месеци за 20 отсто.

Покрај лошата состојба во економијата, на расположението на гласачите влијаеја и корупцијата и непотизмот, пишува весникот, за што предупредуваа и провладините колумнисти.

Иако Ердоган прогласи победа, повикувајќи се на резултатите кои покажуваат дека неговата Партија на правдата и развојот (АКП) на национално ниво има 15 отсто гласови повеќе од опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), сепак првпат во неговата политичка кариера тој почувствува пораз на изборите за градоначалник на Анкара, центарот на турската политичка моќ, а можеби дури и во неговиот роден Истанбул, деловниот центар на земјата.

Ако кандидатот на Ердоган загуби во Истанбул, тоа ќе биде сериозен удар за неговата партија, заклучува „Њујорк тајмс“, со оцена дека изборите за градоначалници и за органите на локалната самоуправа се сметаат како клучни за одржување на контролата на власта на Ердоган.

Крај на 25-годишната доминација во Анкара

Британски „Гардијан“ пишува дека Ердоган првпат во своите 16 години владеење е казнет, откако неговата владејачка партија на жестоките локални избори ја загуби контролата врз Анкара.

Поразот на АКП во Анкара од кандидатот за градоначалник на секуларната Републиканска народна партија (ЦХП), Мансур Јаваш, означува крај на долгогодишната доминација на исламистичката партија над главниот град, што го шокира остатокот од земјата, оценува лондонскиот весник.

„Гардијан“ пишува дека рутинските локални избори прераснаа во референдум за владењето на Ердоган, како последица на економските проблеми, односно откако минатогодишната валутна криза резултира со минатомесечната рецесија, а високата инфлација ги зголеми трошоците за живот на гласачите на АКП од работничката класа.

– Иако името на претседателот не беше на гласачкото ливче, тој неуморно ја водеше кампања, во обид да го оттргне вниманието од економијата, пишува „Гардијан“, додавајќи дека Ердоган ги врами локалните избори како прашање на „национален опстанок”, обвинувајќи ги опозициските партии за врски со тероризмот, додека за инфлацијата ги обвини „странските сили кои со тоа сакаат да ја поткопаат земјата”.

„Гардијан“ додава дека прогнозите на опозицијата дека гласачите на АКП од работничката класа – како резултат на незадоволството од инфлацијата и сè поголемата невработеност – ќе одбијат да излезат на избори, се чини дека беа основани и дека овие избори беа првиот изборен тест за Ердоган, откако тој минатата година повторно беше избран на функцијата претседател – кој, според новиот политички систем, има поголеми овластувања.

Неуспех по неуморната кампања

Победата на главната опозициска партија во трката за градоначалник на Анкара и во неколку други градови е значаен неуспех на претседателот Ердоган, бидејќи неуморно одеше во кампањата за кандидатите од неговата партија, оценува „Вашингтон пост“.

Иако позицијата на Ердоган е сигурна, тој во претходните недели ја обиколуваше земјата и присуствуваше на собирите, пишува „Вашингтон пост“, оценувајќи дека неговата воинствена реторика и заканувачките пораки кон противници, од кои некои ги нарече терористи, го истакнаа влогот во изборите.

Администрација на Трамп внимателно го следеше гласањето со надеж дека серијата спорови со Анкара – вклучувајќи ги и војната во Сирија и купувањето руски систем за противвоздушна одбрана, ќе стивнат кога ќе се заврши острата кампања, пишува „Вашингтон пост“.

Американскиот весник посочува и дека локалните избори во Турција се заканија да прераснат во дипломатска криза, кога Ердоган беше критикуван од функционери на Нов Зеланд, затоа што на неговите предизборни собири беа прикажувани снимки од нападите врз џамиите во земјата, во кои загинаа 50 луѓе.

Крај на аурата на непобедливост

Иако Ердоган се гордее како градител и менаџер на градови, многу гласачи првпат од 1994 година се свртија против него, оценува „Блумберг“, додавајќи дека ерозијата на поддршката укажува на потребна итност во напорите економијата да се врати на патеката на раст и да ја врати довербата на инвеститорите по неколкугодишните „популистички брзи измени”.

– Како што економијата се лизна во рецесија и лирата се движеше од една во друга криза, турскиот претседател ги напаѓаше непријателите дома и во странство, предупредувајќи ги банкарите за „големата цена” што ќе ја платат по изборите за наводно хранење на хаосот со валутата, пишува „Блумберг“, наведувајќи дека во пресрет на изборите турскиот претседател одржа „повеќе од 100 предизборни митинзи, понекогаш држејќи говор осум пати на ден”.

Според „Блумберг“, опозицијата во Турција смета дека намалувањето на поддршката на Ердоган во големите градови го означува почетокот на крајот на неговото 16-годишно владеење, додека критичарите истакнуваат дека Ердоган управува со сè поавторитарен систем, ограничувајќи ја медиумската слобода и гонејќи ги политичките противници преку судски случаи.

„Блумберг“ пишува дека, според првичните индикации, најмалку девет града ќе ја променат локалната власт – со Анкара, тука се и медитеранот туристички центар Анталија, крајбрежната провинција Адана и пристаништето Мерсин, и дека по објавувањето на прелиминарните резултати, Ердоган призна пораз во некои општини.

– АКП на Ердоган изгуби многу гласови во економските центри во земјата, вели Волфганго Пиколи, потпретседател на „Танео интелиџенс“ во Лондон. – Економската криза во Турција ја уби аурата на непобедливост на Ердоган, смета тој.

Ердоган казнет, ​​но тој не оди никаде

Оцените дека поразот на партијата на Ердоган во некои градови претставува почеток на неговиот крај би можеле да бидат предвремени, пишува британски „Телеграф“, со констатација дека изборите покажале оти опозицијата, и покрај прогонот и медиумите наклонети на власта, сè уште е жива, како и дека незадоволството на гласачите може да го најде својот политички израз.

Меѓутоа, пишува „Телеграф”, оние кои предвидуваат дека резултатите од изборите се почеток на крајот на ерата на Ердоган, треба да застанат и да земат воздух. Во Турција, нема да има избори четири години, така што на опозицијата ќе ѝ биде тешко да ја канализира победата, објаснува весникот, додавајќи дека АКП, и покрај губењето на најважните градови, на национално ниво доби повеќе гласови од другите партии, а со националистичките сојузници се чини дека може да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, што значи дека може да победи и на парламентарните избори.

Иако Ердоган можеби е подготвен да го прифати поразот во некои градови, оценува „Телеграф“, неговата партија веројатно ќе користи валкани трикови, ако бидат загрозени претседателството и Парламентот и дека поразот од неделата само ќе ја зајакне нејзината решителност следните избори да ги добие со сите можни средства.

Затоа, заклучува британскиот весник, резултатите од Истанбул и Анкара треба да се видат какви што се како оптимистички потсетник дека борбата за демократија во Турција сè уште не е изгубена.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 12:26