Соочена со сѐ почести прекршувања на принципите на владеење на правото во земјите членки на ЕУ, Европската комисија денеска најави дека отвора дебата за зајакнување на алатките кои ќе и овозможат подобро да го контролира владеењето на правото во Унијата.

Еврокомесарот задолжен за владеењето на правото Франс Тимерманс денеска ја најави оваа дебата која ќе се води со земјите членки и со европратениците во наредните недели.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, сите учесници во дебатата имаат задача да придонесат за етаблирање на нови и зајакнување на постоечките инструменти за подобро владеење на правото до јуни годинава. Тогаш, врз основа на приложеното, Европската комисија ќе поднесе конкретни предлози до земјите членки.

– Способноста на Унијата да го зачува владеењето на правото, денес е посуштински од кога било досега, прво затоа што е прашање на темелни вредности, прашање на тоа „кои сме“ и второ, затоа што функционирањето на ЕУ во целост зависи од владеењето на правото во сите земји членки, изјави Тимерманс.

Правната држава и владеењето на правото сѐ почесто се прекршуваат, посебно во поновите земји членки како Унгарија, Полска или Романија.

Европската Унија располага со инструменти како отворањето прекршочни процедури пред Европскиот суд за правдата, поднесувањето извештаи за судските реформи во Романија и Бугарија, како и објавувањето на редовен преглед на состојбите во сите земји членки.

Крајната можност е таканаречената „нуклеарна опција“, односно активирањето на членот 7 од Повелбите на ЕУ против земјите кои не ги почитуваат основните демократски правила. Оваа опција до сега никогаш не била употребена, иако Европскиот парламент побара негова примена против Унгарија. Но, за да се активира овој член, потребна е едногласна поддршка од сите земји членки, што во пракса ја прави речиси невозможна.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 15:11