Американската амбасадорка во НАТО, Кеј Бејли Хатчинсон истакна дека САД се целосно посветени на Алијансата со покривање на најголем дел од трошоците за одбрана на нејзините земји-членки.
– Ние сме една од земјите кои го основаа НАТО и точно е тоа дека претседателот Доналд Трамп се заложи сојузниците да издвојуваат повеќе за трошоците за НАТО. Но, ние издвојуваме најмногу и продолжуваме да го правиме тоа како гаранција за безбедноста на нашите народи, изјави на Хатчинсон на брифинг во Вашингтон.
Според неа, Алијансата денес во Европа е ангажирана многу повеќе од кога и да било досега.
– Европската одбранбена иницијатива го засилува присуството на нашите трупи во Европа. Тоа се војници на НАТО плус американски војници кои дејствуваат посебно. Ова е заедничка работа и секој ја носи својата обврска како дел од еден сојуз. Тоа не прави пообединети, посилни и поспремни во проценка на ризиците, додаде Хатчинсон.
Таа укажа дека командната структура на НАТО проценила оти е потребна реализација на таканаречените „четири триесетки“ – 30 воздушни ескадрони, 30 баталјони и 30 воени бродови да бидат распоредени за 30 дена каде и да биде потребно.
– Целта е задржување и ефективен одговор на безбедносните ризици за секоја земја членка и Америка е посветена на тоа, укажа Хатчинсон.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред да отпатува за Вашингтон, каде присуствува на одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Пактот, изјави дека НАТО ќе инвестира 260 милиони долари во изградба на воена база во Полска.
Базата, складиште за воена техника и оружје, ќе биде лоцирана во близина на градот Повидз и ќе служи како поддршка за активностите на американскиот воен контингент во Источна Европа.
– Оваа сума е доволна за изградба на место за складирање на воена техника и нејзин ангажман за брза реакција и разместување на дополнителни сили во Европа, истакна тој.
Извори од седиштето на НАТО во Брисел прецизираа дека изградбата на базата ќе започне ова лето и ќе трае околу две години. Проектот е дел од програмата за проширување на присуството на НАТО во Источна Европа, која чини 2,3 милијарди долари и е одговор на „агресивното однесување“ на Русија.
Столтенберг денеска во Вашингтон по повод 70-годишнината од НАТО ќе се обрати на заедничката сесија на Сенатот и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.