Пред малезиски суд денеска, по неколку претходни одлагања, започна процесот против поранешниот премиер Наџиб Разак под обвинение за корупција.

Наџиб се појави на сослушување во Вишиот суд во Куала Лумпур по седум точки од обвинението, вклучувајќи и кривично прекршување на доверба, перење пари, злоупотреба на службената должност и проневера од 42 милиони рингити (10,3 милиони долари) префрлени на лична банкарска сметка во „СРЦ Интернешнел“, поранешна филијала на државниот инвестициски фонд 1МДБ.

Мал број приврзаници на Наџиб, меѓу кои и некои од неговата изборна единица во градот Пекан во сојузната држава Паханг, се собраа пред зградата на Судот, но шеесетината распоредени полицајци пред објектот ја контролираа масата и спречија немири.

Датумот на судењето беше одреден минатата недела со одлуката на Сојузниот суд за укинување на одлагањето на судењето, што беше одобрено од страна на Апелацискиот суд во февруари на барање на Наџиб.

Судењето во случајот „СРЦ Интернешнел“, првично беше закажано за февруари, но беше одложено откако Апелацискиот суд одобри одлагање додека чекаше на поднесување жалба.

Наџиб се соочува со повеќе од 40 обвиненија поврзани со корупција, која вклучува милијарди долари, откако неговата коалиција Барисан Нашионал претрпе пораз на општите избори во мај минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 17:00