Кандидатот за градоначалник Екрем Имамоглу од опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), кој освои најмногу гласови во најголемиот турски град, Истанбул, денеска побара официјално да биде прогласен за победник на изборите, што се одржаа во неделата, нарекувајќи ги приговорите „срамни”.

По пребројувањето на 100 отсто од гласачките ливчиња, Екрем Имамоглу победи во Истанбул со 48,79 отсто од гласовите.

Тоа се неофицијални резултати, но мора да бидат потврдени од страна на Изборниот совет.

– Сакаме правда, сакаме Изборниот совет да ни даде официјален мандат, рече Имамоглу на прес-конференцијата во Истанбул, додавајќи дека „Истанбул нема уште една минута за губење”.

Губењето на Истанбул и главниот град Анкара, со кои владееа исламските конзервативци веќе 25 години, е голем неуспех за АКП.

Истанбул е економски центар на земјата и е дом на една петтина од турските гласачи. Тоа е град во кој израснал претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој во 1994 година беше избран за градоначалник.

Кандидатот за градоначалник на АКП за Истанбул, Бинали Јилдирим освои 48,52 отсто гласови.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 17:22