Бразилскиот десничарски претседател Жаир Болсонаро по денешната посета на Музејот на холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, изјави дека нема сомнеж оти нацизмот бил левичарско движење.

Тој за бразилските телевизии ја повтори изјавата на бразилскиот министер за надворешни работи Ернесто Араужо, кој исто така тврди дека нацистите биле левичари.

Болсонаро одговарајќи на новинарско прашање дали се согласува со Араужо, истакна: „Тука нема сомнеж, зарем не? Во прилог на тоа е и што во самото име на нацистичката партија – Национална социјалистичка партија на Германија, вклучен е зборот ’социјалистичка’“.

Тврдењето на Болсонаро е во спротивност на информациите кои се наоѓаат на интернет-страницата на Музејот на холокаустот, каде се наведува дека нацистичкото движење во Германија настана од десничарски радикални групи како одговор на порастот на комунизмот во земјата.

Болсонаро, исто така, го згреши и името на партијата, кое беше Националсоцијалистичка германска работничка партија. Нацистите и покрај името, ја следеа фашистичката и антисемитистичка, а не социјалистичката идеологија.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/04/2019 20:05