Парична казна за технолошките компаниии во износ од 10 отсто од нивниот годишен обрт и затворска казна за нивните директори доколку „брзо“ не отстранат насилна содржина од социјалните мрежи, предвидува новиот закон во Австралија.

Законот, донесен на предлог на Парламентот, е одговор на нападот на две џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, каде Австралиец уби 50 муслимански верници.

Напаѓачот во живо, на Фејсбук го емитуваше масакрот, а видеото масовно се спроделуваше цел час пред да биде отстрането. Австралискиот премиер Скот Морисон тоа го оцени како неприфатливо.

-Заедно мора да дејствуваме за извршителите и нивните соучесници да не можат да ги користат онлајн платформите за ширење на нивните насилни и екстремни пропаганди – овие платформи не би требало да бидат користени како оружје на злото, изјави главниот обвинител Кристијан Портер во Парламентот, додека го образложуваше законот.

Отсега во Австралија е престап ако компаниите како Фејсбук и Гугл, кој е сопственик и на Јутјуб, без одложување не ги отстранат видеата или фотографиите кои прикажуваат убиство, тортура или силување.

Компаниите, исто така, во „разумен рок“ треба да ја известат австралиската полиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 11:48