Венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави тревога во воените единици заради планови на опозицијата да изврши атентат врз него и ги повика одредите на народен отпор да се приклучат на Колективос – вооружени провладини групи. Претседателот тоа го изјави во телефонското интервју за телевизијата „Венесолана де телевисион”.
-Знам за нивните криминални планови, на оние кои денес раководат со опозицијата, за плановите за мое убиство, изјави Мадуро. Поради тоа, како што вели Мадуро, била донесена одлука да се објави „тревога во воените единици во земјата” и максимално да се активира „разузнавачката и контраразузнавачката активност”.
Приклучувањето на силите на народниот отпор кон „Колективос“, Мадуро го објасни со потребата да се „зачува мирот” во населените места. Според него, оваа мерка е „уставна, правна и неопходна” и, како што вели, не треба да им се дозволи на „платениците“ противници на сегашната власт, да предизвикаат изблици на насилство.
Венецуелскиот претседател, исто така, потенцира дека актуелната опозиција во земјата е „најкриминална” во последните 20 години. Тој уште еднаш ги обвини политичките противници во земјата и американската Влада дека се поврзани со диверзиите во енергетските објекти во Венецуела, што предизвика сериозни проблеми со струјата.
Во Каракас и другите градови во Венецуела кон крајот на март почнаа протести на граѓаните поради недостаток на вода и електрична енергија. Според податоците на невладиниот сектор, од 29 март до 1 април, речиси 50 лица се уапсени. Во голем број случаи, демонстрантите се судрија со полициски и провладини групи, но засега нема информации за жртви.