Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние на Твитер го поздрави дијалогот помеѓу власта и опозицијата во Велика Британија.

– Го поздравуваме меѓупартискиот дијалог во Обединетото Кралство, времето за одлуки е дојдено. Очекуваме и се надеваме на позитивен резултат од овие преговори, напиша Барние.

Британската премиерка Тереза Меј започна преговори со лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, во обид да се изнајде излез од ќор-сокакот во кој се наоѓа земјата околу начинот на кој ќе ја напушти ЕУ.

Британските парламентарци од почетокот на годинава три пати го отфрлија Договорот за Брегзит, што го постигнаа Владата во Лондон и ЕУ, а Меј на ја исклучува можноста од четврто гласање за овој документ пред 12 април, крајниот рок што и го постави ЕУ на Велика Британија за да се изјасни околу тоа како планира да ја напушти Унијата.

Доколку Меј успее да обезбеди мнозинство за усвојување на Договорот, ЕУ би прифатила дополнително одлагање на Брегзит до 22 мај, изјави вчера шефот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, додавајќи дека доколку нема договор, тогаш ќе останат само две опции – напуштање без договор за Брегзит и долгорочно одлагање на британското истапување од ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 17:39