Турската армија ги заврши подготовките за прекугранична операција во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, за „уништување на терористите поврзани со Курдската работничка партија (ПКК)“, објави „Дејли Сабах“.

– Чекаме инструкции од Владата за воената операција. Воспоставувањето на оперативната база беше дел од подготовките, изјавил воен извор за весникот.

Турските вооружени сили минатата недела отворија воена база во провинцијата Шанлурфа, во близина на границата со Сирија. На отворањето присуствуваше и тускиот министер за одбрана Хулуси Акар.

Планирано е базата да се користи како главен оперативен центар за армиските операции на територијата источно од Еуфрат, која е под контрола на Силите за заштита на народот на сириските Курди.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на ПКК, која се бори за автономија на териториите во Турција каде Курдите се мнозинство. ПКК е на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 17:49