Истражителите ангажирани во речиси двегодишната истрага за наводните врски на изборниот штаб на претседателот на САД, Доналд Трамп со Русија, откриле дека заклучоците во извештајот испратен од специјалниот обвинител Роберт Малер се поштетни за претседателот, отколку што беше претставено од американскиот државен јавен обвинител Вилијам Бар.

Како што објавија денеска „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, истражителите тврдат дека во скратената верзија на извештајот што неодамна го испрати до Конгресот, Бар ги „омекнал“ заклучоците од целосниот извештај.

Се очекува обвинителот наскоро да објави делови од извештајот, но Конгресот бара обелоденување на целиот текст од документот.

Во скратената верзија, која Бар ја објави на 24 март, се вели дека тимот на Малер не нашол докази дека Трамп или кој било друг од неговиот штаб соработувал со Русија.

Тој, исто така, изјави дека Малер не заклучил оти претседателот незаконски се мешал во истрагата, но, додаде дека сепак не е ослободен од вина.

Но, според протечените информации во „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, Бар несоодветно ги претставил заклучоците од истрагата.

„Вашингтон Пост“ наведува дека членови од тимот на Малер виделе „алармантни и значителни“ докази за опструкција.

На ова веднаш реагираше адвокатот на Трамп, Руди Џулијани, кој во изјава за телевизијата „Фокс Њуз“ го обвини тимот на Малер за партизираност, нагласувајќи дека некои од неговите членови „се подмолни и неетички свиркачи“.

– Тие се фанатични демократи кои го мразат Доналд Трамп, оцени Џулијани.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/04/2019 17:51